Драмскиот текст Казабалкан претставува вистински предизвик и одговорност да се постави во ова време, не само затоа што станува збор за текст на Горан Стефановски, туку затоа што како главна тема на оваа драма е војната. Претставата Казабалкан зборува за индививуата во време на војна каде љубовта и основниот инстинкт за преживување го мотивираат човекот да поверува во чуда. Дејството во оваа претстава стилски и жанровски се развива од реализам до драма на апсурд, па поради тоа претставата гради специфичен јазик и една надреална димензија на односи помеѓу ликовите. Духовитоста на оваа „трагедија“ ги руши рамките на стандардното гледање и доживување на делото и на брехтовски начин заедно со музиката и едноставноста во сценографијата оваа претстава станува коментар на лицемерното време кое го живееме.